1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите заблуди на македонската политика

4 декември 2024

Европа нема да ја трогнат зборовите на шефот на дипломатијата Муцунски. Нашата политика тоне во заблудата дека пропагандната реторика ќе ги ублажи проблемите. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4niOH
Flagge Nord-Mazedonien
Фотографија: Government of Republic of North Macdonia

Историски, Северна Македонија е земја која веќе треба да се нарече созреана држава. Над 30-годишната самостојност на државата создаде основа за раст и развивање на институциите, но исто така и на политиката. Од држава која излезе од еднопартиски систем на Македонија и претстоеше тешка трансформација на сите полиња. Едно од најзначајните сепак беше прифаќањето дека Македонија не е само на Македонците – идеја која и ден денес ги бранува националистичките кругови и е предмет на бурни дискусии кои секогаш се доминантни кога на власт е десницата.

Оттука, ако треба да почнеме од некаде во набројувањето на заблудите на македонската политика во изминатите 33 години, тогаш тоа би била заблудата дека треба и може да се прави влада без албански партии. Еден од премиерите чие владеење ги одбележа првите мигови по прогласувањето на независноста, Љупчо Георгиевски во едно интервју две децении подоцна на прашањето каде ги гледа своите грешки одговори дека била погрешнанеговата заложба за влада без Албанци. Георгиевски, кој тогаш беше на чело на „патриотскиот“ фронт кој се будеше по одвојувањето од Југославија, беше покровител директно или индиректно и на политичкиот слоган „Солун е наш“. Еден од првите конгреси на ВМРО-ДПМНЕ заврши со бурни аплаузи и повици дека „следниот конгрес да го држиме во Солун“.

Уставното име бркаше бројка

Оваа огромна заблуда и политичко слепило Македонија тогаш ја чинеше блокада од Грција која ќе стане константа во нејзината надворешна политика повеќе од две и пол децении кои што поминаа додека да биде решен спорот за името „Македонија“. Ако тие загуби ги пресметаме во пари тогаш нашата земја би била најголемиот губитник во регионот поради самозалажувањето дека ќе се наметне над еден моќен сосед со робусна дипломатија која се протегаше низ целиот свет. Заблудата се состоеше, меѓу другото, и во тоа што тогашната млада држава играше на погрешната карта дека мирољубивата политика на претседателот Киро Глигоров ќе ги освои срцата на светот и Грција ќе се повлече од барањето за смена на државното име на Македонија.

Понатаму се редеа нови заблуди дека „времето работи за нас“ и дека доколку македонската дипломатија успее да го убеди мнозинството држави членки на Обединетите Нации да нѐ признаат под името „Република Македонија“,Грција ќе мора да отстапи. Беа изгубени драгоцени години и па дури и децении во педантно броење на секоја држава која ја призна Македонија под уставното име. Но тоа беше „успех“ кој ниту за милиметар не ја доближи земјата во исполнувањето на стратешките цели на надворешната политика – членство во ЕУ и НАТО.

Токму спорот со Грција ја отслика слабоста на надворешната политика на Македонија и погрешните процени на ситуацијата. САД и Европа беа заморени од овој спирален спор и веројатно тоа беше една од причините во времето на премиерот Груевски преговорите да добијат поголема динамика. Меѓутоа паралелно со преговарањето, во Скопје се водеа клубски дебати инспирирани од властите дека проблемот во спорот се грчките премиери и министри за надворешни работи а не државата. Така со радост беше дочекано доаѓањето на власт на Јоргос Папандреу кој според нашата дипломатија беше светски човек поради неговото живеење и школување во Њујорк, и нема да врши притисок Македонија да го смени името како што тоа го правеше неговиот претходник Коста Караманлис. Се разбира таквите предвидувања беа само уште едно промашување во низата погрешни сфаќања за функционирањето на политиката.

Во тој период во Македонија се ширеше и бран од одушевување што Грција падна во должничка криза и се најде на удар на Европа, што според овдешната политика беше вовед во исфрлање на земјата од ЕУ, со што ќе се запали зеленото светло за Скопје за влез во НАТО. Тоа беше врвот на заблудите на македонската политика. Во исто време нашата земја поведе спор против Грција пред Меѓународниот суд на правдата, за ветото што ни го постави на самитот на НАТО во Букурешт. Додека сите очи беа вперени во Судот и во одлуката што требаше да ја донесе, никој не размисли дали таа одлука ќе влијае за Македонија да го тргне од дневен ред спорот со Грција или не. И вистина, спорот беше добиен но тој не влијаеше на текот на случувањата и не промени ништо на шаховската табла меѓу Скопје и Атина.

Што чекаме од Бугарија?

Денеска, надворешната политика на Северна Македонија е пред уште една голема заблуда, чекајќи во Бугарија да дојде стабилна влада со која ќе преговара за промена на условите за преговори за членство во ЕУ. Иако од Софија пристигнуваат категорични пораки дека разговорите со нив се завршени и сега нашата држава може да разговара само со Брисел, тие како да не допираат до нашето државно раководство. Владата и претседателката Сиљановска влегоа во убедувачка мисија на странските претставници дека на земјава и се прави неправда, очекувајќи дека нашите „солзи“ ќе ја расплачат Европа.

Таков беше и говорот на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во понеделникот (02.12) пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. „По сите овие монументални промени што ги направи земјата, добиените ветување не беа исполнети, туку државата се соочуваше со нови пречки. Кога ќе отстранивме една пречка, се појавуваше друга – неправедно, неочекувано и длабоко обесхрабрувачки“, порача тој. Но, тоа е говор наменет пред сѐ за домашната јавност, затоа што Европа видела и управувала со многу потешки неправди кои има биле правени на народите низ историјата. 

Прашањето е дали некого ќе го трогнат зборовите на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, или и понатаму нашата политика ќе тоне во заблудата дека пропагандната реторика ќе ги реши проблемите. Како во минатото така и сега. Од заблудите до реалноста растојанието е многу големо, а малите држави тоа го учат на потешкиот начин.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар