1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за Алди да го продава неговото Дубаи-чоколадо

ЕМФ / дпа
14 јануари 2025

Дисконтниот ланец „Алди Југ“ не смее веќе да го продава своето Дубаи-чоколадо, одлучи судот во Келн.

https://p.dw.com/p/4p8Lz
Дубаи-чоколадо
Фотографија: Wolfgang Maria Weber/IMAGO

Покраинскиот суд во Келн му забрани на дисконтниот ланец „Алди Југ“ да го продава неговото Дубаи-чоколадо. Според судот, како „Дубаи-чоколадо“ смее да се означува само продукт кој е произведен во Дубаи или кој има некаква друга географска врска со Дубаи. Во спротивно, се заканува опасност потрошувачите да бидат доведени во заблуда.

„Алди Југ“ од декември минатата година во своите продавници нудеше „Алјан Дубаи рачно изработено чоколадо“. Чоколадото е произведено во Турција, како што стои на задната страна од пакувањето. Сепак, од гледна точка на судот, оваа индикација не е доволна. Поради името, потрошувачите можат да претпостават „дека производот всушност бил произведен во Дубаи и увезен во Германија“, се вели во одлуката.

Тужбата ја покрена увозникот на кондиторски производи Андреас Вилмерс, кој во Германија продава чоколадо од брендот Фекс, произведено во Дубаи. Во случај на повторување на прекршокот, „Алди Југ“ се соочува со парична казна. Компанијата засега нема коментар за случајот. Одлуката сè уште не е правосилна, односно „Алди Југ“ сè уште може да поднесе приговор.

Во декември, Вилмерс испрати опомена и до дисконтниот ланец „Лидл“ и кондиторскиот производител „Линд“ поради продажбата на чоколадото од Дубаи. За оваа постапка сѐ уште нема одлука. „Линд“ потоа објасни дека терминот „Дубаи чоколадо“ е ознака за чоколадо со типичен фил од кадаиф и фстаци, а не за чоколадо што доаѓа од Дубаи. Сојузното здружение на германската кондиторска индустрија соопшти дека чоколадото од Дубаи може да се произведува низ целиот свет.

Дубаи-чоколадна треска ја зафати Германија

Околу чоколадото исполнето со фил од фстаци и кадаиф од неодамна владее вистински „хајп“. Чоколадото го должи својот подем и на социјалните медиуми како Инстаграм и ТикТок. Во многу продавници на „Алди“, чоколадото во декември се распродаде многу брзо. Во последниве месеци, чоколадото се продаваше и во продавниците на „Линд“ ширум земјата. Пред продавниците имаше долги редици од луѓе кои чекаа да го купат чоколадото, кое на интернет се препродаваше дури и за повеќе стотици евра. Инаку, табла од сто грама Дубаи-чоколадо во Германија чини и до 20 евра.