1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водоводџиите поголеми од политичарите

25 декември 2024

Луѓето кои му го одзедоа и му го вратија животот на Скопје за еден ден, ќе паднат во заборав додека во „големите“ теми се провлекуваат ликови на кои најголемо достигнување им е бегство од правдата. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4oYqw
стара чешма
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Верувам дека немаше човек што не беше вознемирен од веста дека поради поправање дефект на водоводната мрежа главниот град Скопје ќе остане десетина часа без водоснабдување. И верувам дека не постои човек на кој не му олесни кога водата повторно потече во предвиденото време и без последици за функционирањето на градот.

Зошто вознемиреност? Затоа што нашиот државен апарат сосе јавните претпријатија, во кои спаѓа и Водовод и Канализација, одамна имаат кажано збогум на професионализмот и на стручноста во што секојдневно се уверуваме низ разни политички, економски, здравствени, образовни и други потфрлања на системот. Но ете, тимот од стотина луѓе нѐ демантираше во тоа и влеа надеж дека не е сѐ изгубено и дека државата може да функционира, се разбира доколку нема политички опструкции од поголемите играчи.

Затоа ова е одлична прилика да им заблагодариме на овие ретки луѓе, кои и покрај дождот, ветрот и ниските температури влегоа под земја и ги извршија неопходните поправки. И што тоа го направија со вештини и знаење за почит.

Нивната вредност е поголема ако се знае дека тие не се партиски знаменосци, затоа што ако беа ќе седеа во канцеларии или немаше да доѓаат на работа и ќе им праќаат дома плата. Меѓу нив има и Македонци, Албанци, Роми, Турци. Тие се Методиј, Фарук, Фатмир, Јован, Артан, ама не Груби... Тие исто така не се нечии деца, затоа што ако беа, немаше да поправаат водводни цевки на мраз и ветер. 

Тие не се ни ослободени криминалци со измените на Кривичниот законик, оти ако беа ќе имаа многу украдени пари, ќе шетаа гордо со орден за заслуги од МПЦ, и ќе правеа луксузни свадби на кои пее Цеца. Тие ги немаат во своите мобилни телефони броевите на обвинителот, судијата, министерот или инспекторот за да им простат криминали.

А важно е да се каже и дека, најверојатно, не ги ни чувствуваат благодатите од преполнетата новогодишната кошничка на Владата, затоа што и со намалувањето цените им се превисоки. 

Херојството на обичните луѓе

Овие луѓе, почитувани читатели, немаат ни предност на клиника, туку најчесто чекаат со саати да ги удостои лекар. Тоа се најчесто луѓето за кои лекарите немаат време или кога прават приоритет нив ги оставаат на крајот на списокот. Тие се луѓе кои, кога ќе направат прекршок мирно чекаат судијата да им одмери казна, а потоа брзаат да ја платат за да не им се собере камата. Тие се и луѓето врз кои најчесто се применува законот како општествена и морална компензација за оние кои се надвор од дофатот на тој ист закон.

Веројатно досега веќе ви е јасно, но да потенцираме дека нашите херои кои експресно го поправија градскиот водовод, се обични анонимни луѓе кои не ја ни знаат вратата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ЗНАМ или ВЛЕН, а и да отидат да тропнат по некоја случајност, бидете сигурни дека нема да им биде отворено. Тие се луѓе покрај кои кога поминуваат претседателот или претседателката, премиерот, министрите, директорите со своите луксузни лимузини и свити, не ги ни забележуваат на улица. Протатнуваат покрај нив.

Понекогаш треба тие луѓе да ги изнесеме на виделина, да направиме том тема со нив, како доказ дека државата е сѐ уште жива. Затоа што тие луѓе не го запреа вентилот со вода изживувајќи се со месеци со стотици илјади население и после беа наградени со високи државни функции, туку се луѓе кои нервозно погледнуваа на своите часовници за што побрзо да ја вратат водата на Скопјани. А водата е живот. 

Тоа се луѓето кои му го одзедоа животот на Скопје и му го вратија за еден ден. 700- 800 илјади население беше во нивни раце. 

Премиерката што ја спаси возачот

Вообичаено држави со долга традиција им се оддолжуваат на такви луѓе со награди, но и со правење филмови инспирирани од таквите невидливи (и недоволно ценети) херојства. Се прават филмови за храбри пожарникари кои го ризикуваат животот за да спасат нечиј друг, за водоводџии, за полицајци. Така ја јакнат свеста за важноста на тие луѓе. Важност не за општествата, туку за животот. 

Се потсетив на еден скандинавски филм во кој премиерката се врати дома и најде проштално писмо од сопругот кој ја напуштил, а згора на тоа и нејзината кујна се поплавила поради неисправен вентил. Премиерката се обидува сама да го сопре вентилот, но не може и затоа, фрустрирана, плаче. Во тој миг наидува нејзиниот возач, кој гледајќи ја извалкана како се обидува да ја запре водата, ѝ нуди да го поправи дефектот. И навистина го поправи, а таа, на негова шокираност, му се заблагодари во кревет.

Оваа мала симболика ја истакнува големината на гестот да биде спасен човек од ситуации во кои партиската припадност и ломотењето на политичарите не можат да го спасат. Баш како што во саботата нѐ спасија луѓето кои егзистираат под радарот на општествениот, па и медиумскиот интерес, покажувајќи дека на крајот на денот зависиме сите од по некој човек кој живее во сенка. И обично таквите луѓе се потценети од заедницата чиј главен императив е трката по пари, моќ и лажен углед кој трае додека трае погонско гориво од истата моќ. Луѓето кои му го одзедоа животот на Скопје и му го вратија за еден ден веројатно ќе паднат во заборав, додека во „големите“ теми се провлекуваат ликови на кои најголемо достигнување им е бегството од правдата.

Ако некој не се освестил по оваа лекција за тоа каков профил на луѓе го заслужуваат општественото и политичкото внимание, а во таа категорија освен нашите водоводџии бездруго влегуваат и сите чесни и трудољубиви лекари, наставници и професори, судии и обвинители, инженери, па и по некој политичар кој не може да се избори за да биде слушнат и виден, тогаш нам како држава навистина ни нема спас. Влегувајќи во нова година да внесеме со нас и нови постулати кои почиваат на објективното, а не на субјективното. Или тоа или ќе нѐ (с)нема.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар