Американскиот Конгрес им помага на руските националисти
22 август 2017Колку кратковидо, а и контрапродуктивно: Русите кои сакаат да патуваат во САД во иднина својата виза може да ја добијат исклучиво во Москва, а не и во генералните конзулати на САД во другите руски градови. Војната со санкции меѓу САД и Русија влегува во нова рунда, станува нешто вообичаено, сѐ повеќе им лизга на политичарите од раце. На крајот ќе се случи токму она што соколите во американскиот Конгрес всушност сакаа да го спречат - од нив ќе биде погодено исклучиво руското цивилно општество. И уште полошо - тие ќе им бидат од помош на оние политичари кои сакаат да ја изолираат Русија што е можно повеќе.
Илјадници километри за виза?
Зашто, што ќе се случува сега, кога еден руски студент од Екатеринбург или бизнисмен од Владивосток ќе може да добие американска виза само во Москва? Многумина воопшто и не можат финансиски да си дозволат долго и скапо патување во рускиот главен град. Значи, ќе останат дома. Бројот на Руси кои во иднина ќе можат самите да си создадат слика за Америка ќе се намали драстично. Дали е тоа она што соколите во Конгресот сакаа да го постигнат? Веројатно не.
Оној кој сака да го смени менталитетот на луѓето во Русија, мора да разговара со нив, да ги кани, да им го покаже Западот кој им е претставуван како непријателски. Или, како што гласи руската поговорка: „Еднаш да се види вреди повеќе отколку илјадапати да се слушне“. Младите Руси кои го виделе Тајмс Сквер во Њујорк, бизнис светот во Лондон или културниот живот во Берлин, дома се враќаат променети. Тие имаат поинаков поглед кон Русија, кон тоа каква е земјата и каква би можела да биде. Да се поттикнува процесот на нивна промена би морало да биде најважна цел на западната дипломатија. Со својата одлука за драстично ограничување на издавањето американски визи за Русите, Вашингтон го постигнува токму спротивното.
Американското Министерство за надворешни работи е свесно за колатералната штета од непромислената, еднострана одлука, со која ќе бидат погодени и луѓето кои немаат ништо со американско-руската караница - Белорусите. Имено, Белорусите кои сакаат да патуваат за Америка мора во најголемиот број случаи да прави заобиколница преку Киев, Варшава или Вилнус, затоа што во Минск, по протерувањето на голем дел од персоналот во амбасадата пред 9 години, се обработуваат само барањата на многу мала, прецизно дефинирана група лица. Тоа значи дека за голем дел од Белорусите станува практично невозможно да добијат американска виза.
Со што контрира Москва?
Како натаму? Во рускиот парламент веќе се слушаат првите гласови кои бараат натамошни санкции против САД. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тоа го отфрла. На крајот одлуката би можел да ја донесе претседателот Путин. Каква и да биде таа, американско-руските односи достигнаа ново дно. Дотолку поважна сега е улогата на Германија. Берлин, се разбира, е без сомневање дел од Западот, верен сојузник на САД. Тука и во иднина ништо не смее и нема да се промени. Но, политиката на канцеларката Меркел кон Русија е понијансирана и следи многу подолгорочни цели од она што хардлајнерите во Вашингтон си го претпоставуваат. Ангела Меркел има и и авторитет и искуство за да влијае врз Вашингтон да биде поумерен. Зашто, долгорочно, никој во Европа и во САД нема интерес за Русија која би била единствено фиксирана сама на себе.