Дефицитот на САД годинава ќе достигне еден трилион долари
25 октомври 2019И втората целосна буџетска година под администрација на претседателот Доналд Трамп во САД ќе заврши со огромен дефицит од речиси 1 трилион долари, и покрај зголемената даночна база проследена со засилен економски развој, како и историски ниската невработеност.
Буџетскиот дефицит на САД се зголеми на 984 милијарди долари, што претставува 4,6 отсто од националниот бруто домашен производ. Претходната фискална година дефицитот беше 779 милијарди, или 3,8 проценти од домашниот БДП. Приходите се зголемени за 4% но расходите пораснале за дури 8,2%, информира американското министерство за финансии.
Најголемиот дефицит досега е забележан во 2009 година во времето на Барак Обама од 1,4 трилиони долари, кога администрацијата и Конгресот презедоа итни мерки за спасување на банкарскиот систем за време на глобалната финансиска криза.
Годишниот буџетски дефицит во 2016, последната година од владеењето на Обама беше намален на 585 милијарди долари. Републиканците во Конгресот тогаш го критикуваа Обама што не го намалил дополнително.
Новата администрација на Трамп, во меѓувреме, почна засилено да троши на одбраната, здравствената заштита и програмите за социјална заштита. Дел од зголемениот дефицит доаѓа и од отплатата на зголемени камати за националниот долг.