Ахмети на кафе или по поддршка во Приштина?
17 декември 2024По информацијата дека високиот функционер на ДУИ, Артан Груби заминал во Косово пред да биде отворена истрагата против него за злоупотреби на 8 милиони евра во Државна Лотарија, во Приштина во вторникот (17.12) отпатува и партискиот лидер Али Ахмети. Причината за посетата е средба со градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, кој според косовските медиуми, треба да му го врачи „клучот на градот“.
ДУИ на социјалните мрежи објави видео од посетата на Ахмети на Косово и средбите со неговите домаќини.
Поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, по средбата со Ахмети во седиштето на Алијансата за иднина на Косово (ААК) порача дека Али Ахмети е „една од најпочитуваните албански фигури“.
„Соработката на Косово со Северна Македонија треба да биде приоритет во нашите односи, а Албанците во Северна Македонија се одлучувачки фактори врз кои се развиваат овие односи. Косово секогаш ќе биде поддржувач на нашите браќа во нивните легитимни барања за заштита и унапредување на правата, вклучително и употребата на албанскиот јазик во Северна Македонија“, порача Харадинај.
„Историско кафе во Приштина“
Претходно на социјалните мрежи се појави фотографија на Ахмети, заедно со косовски бизнисмени како пие кафе во Приштина. Под фотографијата објавена на Фејсбук, Исмет Сулејмани пишува: „Историско кафе со Али Ахмети во Приштина. Утринско кафе во Приштина со лидерот на народот, татковината и албанската нација, мојот пријател Али Ахмети и генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети“.
Посетата на Приштина се одвива во исто време додека македонската полиција врши проверки дали Груби е во Косово или пак има заминато во Албанија. Информација за тоа каде се наоѓа Груби чека и Кривичниот суд во Скопје.
Во објава на Фејсбук, Груби во понеделникот (16.12) напиша дека е во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата. По завршувањето на обврските тој најави дека ќе се врати дома.