Германија: Отштета за жртвите од нападот во Магдебург
13 јануари 2025Германската сојузна влада се обидува да се погрижи повредените и семејствата на загинатите во нападот на божиќниот панаѓур во Магдебург да добијат финансиска поддршка - без оглед на мотивот насторителот.
„Нашата држава мора да застане покрај луѓето кои се погодени“, рече министерот за правда Фолкер Висинг за новинската агенција ДПА. Притоа, нагласува овој непартиски министер, не треба да биде важно дали страотниот чин од Магдебург на крајот ќе биде окарактеризиран како терористички напад или не.
Со цел да се осигура дека погодените ќе ја добијат истата финансиска поддршка која им се дава на жртвите на терористичките напади, сојузната влада наскоро ќе стапи во контакт со Бундестагот, кој е одговорен за одобрување на буџетските средства, најави Висинг.
Мотивот за нападот е сѐ уште под истрага
50-годишен напаѓач со својот автомобил влета во посетителите на божиќниот пазар во Магдебург непосредно пред Божиќ. Загинаа деветгодишно момче и пет жени на возраст од 45 до 75 години, а речиси 300 луѓе беа повредени.
Сѐ уште не е познат точниот мотив на сторителот, ниту е познато дали овој човек по потекло од Саудиска Арабија е ментално болен.
Веројатно се погодени повеќе од 530 луѓе
Жртвите на терористички и екстремистички дела во Германија можат да аплицираат за таканаречена компензација за тешки околности во Сојузната канцеларија за правда.
Во случај, на пример, на загуба на родител, оваа сума може да достигне и до 30.000 евра. Средствата ги одобрува Бундестагот. Во минатото, ваква помош добија членовите на семејствата на жртвите од серијата убиства на НСУ или од нападот на берлинскиот Брајтшајдплац.
Се обезбедува финансиска помош во знак на солидарност со настраданите. Во упатството за исплата на овој вид на обесштетување стои: „За одобрување на компензација за тешки околности не е потребно жртвите да бидат во состојба на потреба“.
Сојузниот комесар за жртви Роланд Вебер проценува дека повеќе од 530 луѓе биле погодени од нападот во Магдебург. За погодени се сметаат лицата кои ги загубиле своите најблиски во нападот, биле повредени или се наоѓале во зоната на дејствување на сторителот.