1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

По нападот во Магдебург: Критики за безбедносниот концепт

АРД | БЈ
26 декември 2024

Во рамките на истрагата за нападот на божиќниот панаѓур во Магдебург, вниманието е фокусирано на безбедносниот план и работата на полицијата. Какви грешки се направени? Сојузната полиција креира профил на напаѓачот.

https://p.dw.com/p/4oaCL
Полициски службеник патролира на божиќниот пазар во Магдебург по трагичниот напад што го потресе градот
Полициски службеник патролира на божиќниот пазар во Магдебург по трагичниот напад што го потресе градотФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Покрај истрагата за нападот на божиќниот панаѓур во Магдебург, се истражуваат и грешки во работата на полицијата. Од Министерството за внатрешни работи во Магдебург потврдија дека едно полициско возило не било на предвидената локација.

Според Министерството, во моментот на нападот полициски возила биле распоредени на четири конкретни точки околу божиќниот пазар. Но, едно возило се наоѓало на просторот за таксисти на булеварот Ернст-Ројтер, што не е во согласност со полицискиот план. Причината за ова отстапување од планот ќе биде предмет на понатамошна истрага.

Кривична пријава против градот и полициската управа

Се разговара и за прашања поврзани со безбедносниот план на организаторите на божиќниот пазар. Фокусот е на она што предвидувал планот за заштита на пазарот, вклучително и техничкото обезбедување на излезите за евакуација и рутите за спасувачките тимови. „Се истражува дали овие мерки биле спроведени од организаторите, а ако не биле, зошто не“, се наведува.

Местото на злосторството: Божиќниот панаѓур во Магдебург по нападот
Местото на злосторството: Божиќниот панаѓур во Магдебург по нападотФотографија: Ronny Hartmann/AFP

Министерството објави и дека е поднесена кривична пријава против градот Магдебург и полициската управа во Магдебург. „Со тоа безбедносниот план на организаторите на пазарот и полицискиот оперативен план, како и нивното спроведување, би можело да станат предмет на кривична истрага“, се вели. Во тој случај, ако има потреба, полициската истрага би ја презела полициската управа Хале.

Сојузната полиција го истражува профилот на напаѓачот

Следниот понеделник Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот ќе го разгледува случајот со нападот на божиќниот пазар во Магдебург. Сојузната полиција и МВР планираат до тогаш да ја претстават хронологијата на нештата поврзани со напаѓачот.

Според сознанија на новинската агенција ДПА, по брифингот на пратениците во Бундестагот од страна на претставници на безбедносните служби, сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) и шефот на сојузната полиција, Холгер Минх, на пратениците им ветија преглед на сите информации во врска со случајот. Целта е да се појасни кои институции во кој момент имале информации за напаѓачот Талеб А. и како реагирале на таквите сознанија.

Се вели дека властите во најмалку шест сојузни покраини биле во контакт со напаѓачот. Сега сите информации ќе се компримираат за да се добие целосна слика за случајот.

Фезер ја предупредува АфД да не го инструментализира случајот

Министерката за внатрешни работи на Германија, Ненси Фезер, најави дека ќе обезбеди целосна транспарентност во врска со нападот на божиќниот пазар во Магдебург. На прашањето дали безбедносните служби можеле да го спречат нападот, Фезер за медиумската групација Функе изјави дека „тоа ќе биде детално испитано во текот на истрагата. Секој детал ќе биде проверен и ќе бидеобезбедена целосна транспарентност“.

Фезер ја предупреди АфД да не се обидува да го инструментализира овој случај. „Секој обид да се искористи таков ужасен чин за политички цели и да се злоупотреби страдањето на жртвите е одвратен“, изјави таа, додавајќи дека таквите потези го откриваат карактерот на оние што го прават тоа.

По нападот АфД во понеделникот организираше протест во Магдебург, на кој според информации од полицијата учествувале околу 3.500 лица. Претседателката на АфД, Алис Вајдел, го коментираше напаѓачот Талеб А., велејќи дека „оној што ги презира граѓаните на земјата што му дава азил не припаѓа кај нас“. За време на митингот, толпата скандираше „Депортација! Депортација!

Оштетениот автомобил користен во нападот на божиќниот пазар во Магдебург. Возилото со видливи оштетувања ја симболизира бруталноста на нападот што го потресе градот.
Оштетениот автомобил користен во нападот на божиќниот пазар во Магдебург. Возилото со видливи оштетувања ја симболизира бруталноста на нападот што го потресе градот.Фотографија: Axel Schmidt/REUTERS

Истрагата за напаѓачот продолжува

Напаѓачот, кој е притворен, во петокот вечерта со својот автомобил влета на божиќниот пазар во главниот град на германската покраина Саксонија-Анхалт. Во нападот загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени. Истрагата за мотивите на напаѓачот, доктор по потекло од Саудиска Арабија, кој во Германија дошол во 2006 година, сѐ уште трае.

Според досегашните сознанија, напаѓачот во последно време на социјалните мрежи објавувал сѐпорадикални и неповрзани ставови. Во едно неодамнешно интервју, тој се опишал себеси како обожавател на Илон Маск и поддржувач на АфД, тврдејќи дека ги споделува нивните цели, но во исто време изјавил дека е политички левичар.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер ја повтори важноста за расветлување на овој случај. „Ние правиме сѐ за да се расветли оваа трагедија. Тагуваме за жртвите и мислиме на нивните семејства“, рече Фезер.

Таа нагласи и дека во болниците се вложуваат максимални напори за да им се помогне на тешко повредените. Таа упати посебна благодарност до првите лица што пружаа помош местото на несреќата и до сите припадници на службите кои се соочија со тешки предизвици и покажаа исклучителна храброст.