Се зголемува бројот на жртви во пожарите во Лос Анџелес
13 јануари 2025Властите во поширокиот регион на Лос Анџелес го ревидираа бројот на загинатите во пожарите на 24 - претходно се зборуваше за 16 жртви. Според официјалните податоци, 16 лица загинале во пожарот во Итон, во близина на Алтадена и Пасадена, а осум во Пацифик Палисадес. Акцијата за гаснење на пожарите е во тек и сѐ уште не се детално претресени сите објекти. Ова е уште една причина поради која властите стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
Според агенцијата за заштита од пожари Cal Fire, уништени се 12.000 објекти, вклучувајќи помошни згради, мобилни куќи и бараки. Само таканаречениот „пожар на Палисадес“ опустоши 9.500 хектари земја, а пожарот „Итон“ опустоши околу 5.660 хектари.
Започна онлајн фото кампања
Според гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, за да се расчистат урнатините по пожарите во Лос Анџелес би можело да бидат потребни шест до девет месеци. Прво, во рок од две недели, треба да заврши проверката на сите погодени згради, објави Њусом за Си-Ен-Ен.
Во следните недели, ќе се фотографираат куќа по куќа и сликите ќе бидат поставени на веб-страница, рече гувернерот. Ова ќе им овозможи на жителите да добијат информации за состојбата на зградите без да мора да патуваат во областите за кои во моментов пристапот е забранет. Многу луѓе моментално не знаат дали нивната куќа е урната или не, или колку е оштетена. Досега полицијата успеа да спроведе само неколку лица до нивните имоти. Фотографиите ќе се користат и за контакт со осигурителните компании.
Уапсен ограбувач во пожарникарска униформа
Полицијата уапси осомничен ограбувач маскиран во пожарникар. Мажот бил фатен „за време на кражба на дом“, изјави шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна. Според полицијата, човекот во лажна пожарникарска униформа бил дел од група од три лица кои нелегално престојувале во забранетата област во и околу опустошената област Пацифик Палисадес.
„Има луѓе кои би направиле сѐ за да ги искористат жртвите на оваа трагедија“, изјави шефот на полицијата Џим Мекдонел. Човекот во пожарникарска униформа се соочува со построга казна од другите ограбувачи бидејќи се преправил во пожарникар. За оваа форма на узурпација на функцијата во Калифорнија може да се добие казна до една година затвор.
Од петокот, и војниците на Националната гарда се распоредени за да ги заштитат опожарените области од ограбувачи и друг неовластен пристап.
Предупредување од силен ветер
Во саботата (11.01) пожарите се проширија на досега недопрени делови на Лос Анџелес, а властите наредија евакуација и во други делови на градот. Според противпожарната служба, во меѓувреме пристигнале уште 70 возила кои помагаат во гаснењето на пожарите.
Националната метеоролошка служба на САД предупредува на временските услови во наредните денови кои би можеле да поттикнат дополнителни пожари или да доведат до ширење на постоечките пожари. Особено силен ветер е најавен за вторник (14.01).