Зеленски бара американски безбедносни гаранции
20 декември 2024Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на дополнителна поддршка за Киев во телефонски разговор со идниот американски претседател Доналд Трамп. Шолц изрази надеж дека што е можно поскоро ќе го посети Трамп. „Ова е нешто што е во тек“, изјави тој по самитот во Брисел. Освен тоа, Шолц по телефонскиот разговор со Трамп изрази увереност во тоа дека Европа и САД заедно ќе ја продолжат својата поддршка за Украина. „Но, се разбира, со јасна перспектива дека ќе има фер мир за Украина, која ќе може да го брани нејзиниот суверенитет, и дека убивањето завршува“, додаде Шолц на прес-конференцијата по самитот на ЕУ. И со претседателот Трамп, потребна е координирана украинска политика со САД. Според впечаток на Шолц, како што објасни самиот, тоа е сосема можно.
Состанокот на 27-те шефови на држави и влади на ЕУ со Володимир Зеленски беше последен пред Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари. Републиканецот неодамна повика на „итен прекин на огнот“ и потврди дека сака да ја намали американската воена помош за Киев.
„Навистина би сакал помош од Трамп за да се стави крај на оваа војна“, рече Зеленски. „Но, јас сум против зборот прекин на огнот“, истакна тој. Затоа што ако Путин нападне повторно по два или шест месеци, „сите ќе загубат“, изјави украинскиот претседател, алудирајќи на можното повторно вооружување во Русија.
„Само заедно САД и Европа можат да го запрат Путин и да ја спасат Украина“, оцени Зеленски на почетокот. Затоа, потребен е „вистински план“ за да се стави Украина во „силна позиција“ пред можните преговори. Зеленски се надева дека Трамп и Европејците можат да се договорат за единствен курс.
Германскиот канцелар Шолц исто така изјави дека поддршката за идната безбедност на Украина мора да биде „структуирана на трансатлантски начин“. Сепак, Германија и САД досега го отфрлаат членството на земјата во НАТО. Зеленски пак уште еднаш повтори дека пристапот на Украина е „најважната безбедносна гаранција“ за неговата земја. Сè додека ова не е реално, мора да се испитаат и други предлози.
Конкретно, тој ја спомена иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за европски мировни трупи. Меѓутоа, според Шолц ова е преуранета идеја. Овој свој став тој го повтори и во Брисел. Европејците не треба да го направат четвртиот или петтиот чекор пред првиот, нагласи тој. Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека не гледа „испраќање шпански копнени трупи во Украина“.
Макрон на самитот на ЕУ беше претставен од Шолц. Тој се сретна со Зеленски билатерално во Брисел во средата (18.12.), пред да отпатува на француската прекуморска територија Мајот, која беше уништена од ураган.
Во пресрет на самитот на ЕУ, генералниот секретар на НАТО Марк Руте разговараше со Зеленски, Шолц и претставници на голем број други европски земји околу тоа какви потези да бидат преземени во поглед на Украина. Руте ги повика Европејците да ја вооружат Украина пред можните преговори со Владимир Путин.
Сепак, според неговите зборови во Брисел, Зеленски не добил нови цврсти ветувања за 19-те од него побарани системи за воздушна одбрана против руските напади. Тој се осврна на веќе најавените испораки од Германија и Канада.
Втората голема тема на самитот на ЕУ беше ситуацијата во Сирија. По падот на владетелот Башар ал-Асад, ЕУ, Германија и другите земји-членки остварија првични контакти со новото исламистичко раководство, кое во моментов сè уште е на списокот на санкции на ЕУ.
Шолц нагласи дека ЕУ сега мора „брзо“ да разговара за можното укинување на санкциите. Но, одлуката мора да се донесе „откако ќе се располага со доволно информации“, при што додаде: „Таа не смее да се темели само на надежи и гласини".
Тема на самитот беше и миграцијата. Холандија ги притиска сириските бегалци на што е можно побрзо враќање во нивната татковина. „Ако ситуацијата во Сирија е таква што луѓето можат да се вратат, ние ќе соработуваме со луѓето тоа да се реализира", изјави премиерот Дик Шуф. Германскиот канцелар Олаф Шолц, од друга страна, повтори дека секој кој е добро интегриран во Германија и го зборува јазикот може да остане.