МВР распиша потерница по Груби и Бајрами
18 декември 2024Македонското Министерство за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, за коишто се води истрага за злоупотреба на осум милиони евра преку незаконски набавки на видеолотариски терминали, кои никогаш не биле ставени во употреба.
Потерницата е распишана откако Кривичниот суд во Скопје им одреди притвор во траење од 30 дена. На четири лица, коишто исто така се опфатени во истрагата за злоупотреба на службената положба и овластување, судот им определи мерки за претпазливост - одземени им се пасошите и имаат обврска за повремено јавување на службено лице во судот.
Во меѓувреме сè уште нема официјална информација каде се наоѓаат Груби и Бајрами. Поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, според она што е досега познато, непосредно пред полициските претреси ја напуштил Северна Македонија во дипломатско возило и заминал на Косово. За Бајрами, полицијата има сознанија дека веќе подолго време е надвор од Северна Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува да докаже дали е чист како солза
Владејачката ВМРО-ДПНЕ веќе неколку дена го повикува Артан Груби да не се пазари и да не бега, да се врати во Македонија и да докаже пред суд „колку е чист како солза“ и доколку има храброст да се соочи со доказите
„Артан Груби е епицентарот на сите скандали и афери изминатите години. Нема скандал, а да не се поврзува со името на Груби. Како кула од карти се сруши наративот на ДУИ дека се борат за ЕУ и зелени агенди. Артан Груби и врхушката на ДУИ, блиски соработници на Али Ахмети под превезот на демократија, правда и зелени агенди се борат исклучиво за да го заштитат крупниот капитал стекнат на криминален начин“, велат од партијата.
Груби пред неколку дена, преку објава на Фејсбук, порача дека е во приватна посета и дека ќе се врати во земјата откако ќе ги заврши обврските. „Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување“, порача Груби.
Поранешниот вицепремиер Груби неодамна се најде на „црната листа“ на САД поради наводи за значителна корупција.
Ковачевски: Работев согласно законот
Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, осомничени се повеќе лица.Полицијата соопшти дека со кривичната пријава се опфатени и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, кои ги пречекориле границите на своите службени овластувања.
Пратеникот Димитар Ковачевски од Собранието порача дека во целото негово работење и како премиер и како заменик-министер за финансии, се водел согласно законите.
„Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин така како што треба. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“, изјави Ковачевски.
СДСМ претходно изрази разочарување од конфузијата која се создаде во јавноста околу поранешниот премиер Димитар Ковачевски. „Ковачевски беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство се уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО сè уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами, изјави организацискиот секретар на партијата Мартин Костовски.
Според него, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со своите изјави, „очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет“.