Пожарите во Лос Анџелес - меѓу најскапите катастрофи во САД
14 јануари 2025Малку места отелотворуваат богатство и гламур како Холивуд Хилс во Лос Анџелес. Ексклузивноста на оваа и другите станбени области на север и северозапад од метрополата е една од причините што шумските пожари во пошироката област на Лос Анџелес може да станат една од најскапите природни катастрофи во историјата на САД.
Пожарите однесоа најмалку 24 животи и уништија имот вреден неколку милијарди долари. Постоеше закана во пламенот да исчезнат и знаменитости како познатиот знак за Холивуд и многу познати локации и згради во Лос Анџелес да се претворат во урнатини.
Аналитичарите од банката ЏПМорган проценуваат дека штетата предизвикана од пожарите може да надмине граница од десетици милијарди долари. „Очекувањата за економските загуби предизвикани од пожарите се повеќе од двојно зголемени и врз основа на ситуацијата до 9 јануари изнесуваат 50 милијарди долари (48,55 милијарди евра). Проценуваме дека загубите на осигурените згради може да надминат 20 милијарди долари или дури повеќе доколку пожарите не се стават под контрола“, се вели во соопштението на оваа финансиска институција до своите клиенти.
Агенцијата за кредитен рејтинг Мудис очекува загубите „со оглед на високата вредност на домовите и компаниите во погодените области да изнесува милијарди долари".
Доколку овие проценки се покажат точни, пожарите, врз информации засновани на проценките на штетите од осигурениот имот, би можеле да бидат најскапата катастрофа од ваков вид во историјата на САД, надминувајќи ги трошоците од неодамнешните катастрофи во Калифорнија и Хаваи.
Пожарот, кој го зафати округот Бут во Северна Калифорнија во ноември 2018 година, во моментов е најскапиот шумски пожар во историјата на САД. Осигурителната компанија Аон ја проценува штетата на речиси 13 милијарди долари. Четирите најскапи шумски пожари во САД се случија во последните седум години.
Конечните бројки за штетите од природни катастрофи на осигурените згради и куќи често значително се разликуваат од првите проценки, бидејќи е тешко да се направат прецизни прогнози додека катастрофата се уште е во тек.
Штета до 150 милијарди долари?
Кога станува збор за штета, се прави разлика помеѓу осигурените загуби - проценетата вредност на реалните штети покриени со осигурувањето - и пошироката штета и загуби кои не се покриени со осигурување.
Приватната американска метеоролошка служба AccuWeather, која исто така ја проценува цената на штетите предизвикани од тешките временски услови, соопшти дека штетата од шумските пожари во Лос Анџелес може да достигне меѓу 135 и 150 милијарди долари, што ја прави една од најскапите природни катастрофи во историјата на САД.
„Овие брзоширечки пожари, поттикнати од ветерот, предизвикаа една од најскапите шумски катастрофи во модерната историја на САД“, изјави Џонатан Портер, главен метеоролог на AccuWeather. Ураганските ветрови пренесоа пламен и огнени елементи низ станбените области, каде што се наоѓаат домови од повеќе милиони долари. Уништувањето е потресно, а економската штета е огромна.
Според официјалните податоци, меѓу 9.000 и 10.000 згради, вклучително и многу комерцијални објекти, веќе се уништени. Тешко е оштетена и инфраструктурата, што дополнително ќе ги зголеми долгорочните трошоци за обнова.
Ураганите предизвикуваат најголема штета
Досега најскапите природни катастрофи во САД ги предизвикаа урагани. Убедливо најскап беше ураганот Катрина, разорниот тропски циклон од 2005 година, кој предизвика големи загуби на животи и огромна материјална штета во Њу Орлеанс.
Проценетите загуби на осигурените објекти само за ураганот Катрина надминаа 100 милијарди долари, според податоците на Аон. Вкупните трошоци на катастрофата беа скоро 200 милијарди долари, повеќе од вкупната штета предизвикана од ураганите Харви (2017), Иан (2022), Марија (2017) и Сенди (2012).
Шумските пожари го оптоваруваат осигурувањето на имот во Калифорнија
Се очекува шумските пожари да извршат дополнителен притисок врз калифорнискиот веќе проблематичен сектор за осигурување на домови. Компаниите во тој регион како Чаб и Тревелерс, кои главно се занимаваат со осигурување на луксузни недвижности, сметаат на отштета од неколку милијарди долари.
Некои од нив, како Олстеит и Стеит Фарм, неодамна престанаа да продаваат нови полиси за осигурување на домови во Калифорнија, повикувајќи се на законските ограничувања за зголемување на цените.
Поради ова, многу сопственици на куќи се без приватно осигурување и се потпираат на државниот систем за осигурување во Калифорнија, познат како Фер план. Се проценува дека ризикот на Фер план само во ексклузивната област Пацифик Палисејдс, една од областите најтешко погодени од пожарите, е околу шест милијарди долари.
Високите загуби за Фер план може да ги принудат приватните осигурителни компании да се приклучат, бидејќи државниот план содржи одредби со кои се бара од приватните осигурителни компании да ги покриваат побарувањата што државните не може да ги покријат.
Сè почестите шумски пожари во Калифорнија би можеле, според некои аналитичари, да бараат преиспитување на целиот систем за осигурување на недвижности во оваа најнаселена американска сојузна држава. Климатските промени ја зголемуваат зачестеноста и обемот на шумските пожари во Калифорнија, што ги прави големите градови и густо населените области сè позагрозени.